Испораката на оружје со долг дострел од западот кон Украина ќе ги прошири целите на таканаречената „специјална операција“, како што ја нарекуваат Русите, на руската војска надвор од источните украински региони, јавува агенцијата „Анадолија“.
„Сега географијата е поинаква“, изјавил Лавров во интервју за руската државна телевизија РТ.
Тој додал дека не се само регионите Доњецк и Луганск кои Москва ги прогласи за независни во февруари, непосредно пред Русија да ја започне војната во Украина.
„Тука е и регионот Керсон, регионот Запорожје и низа други територии, а овој процес продолжува постојано и упорно“, додал тој, мислејќи на областите во јужна и југоисточна Украина.
Аналитичарите долго време велат дека Русија сака да ги заземе споменатите области за да обезбеди мост кон Крим, клучен украински полуостров што Русија го анектираше од 2014 година, пренесуваат агенциите.
Лавров предупредил дека како што Западот испраќа повеќе оружје со долг дострел во Украина, географските цели на руските трупи ќе се движат уште подалеку од сегашната линија.
„Затоа што не можеме да дозволиме делот од Украина, кој ќе биде контролиран од Зеленски или кој и да го замени, да има оружје што ќе претставува директна закана за нашата територија и за територијата на оние републики кои ја прогласија својата независност, оние кои сакаат сами да си ја одредат иднината“. кажал Лавров.
Според податоците на ОН, најмалку 5.110 цивили загинале во војната, повеќе од 15 милиони се раселени, додека повеќе од 8,4 милиони избегале во други земји.