Нeколку историски температурни рекорди беа срушени денеска во Франција, на запад и југозапад од земјата, објави Метео-Франс, додека Велика Британија оваа недела би можела да го забележи и својот најтопол ден во историјата.
Рекордите беа срушени во Брест, Сен Брие и Нант на запад и во Бискарос на југозапад, „најтоплиот ден на овој топлотен бран“. Според податоците на метеоролошката служба, во 17 часот термометарот достигна 39,3 степени Целзиусови во Брест, каде претходниот рекорд беше од август 2003 година од 35,1 степени Целзиусови.
Во Сен Брие беше 39,5 степени Целзиусови, во Нант 42 и во Бискаросе 42,6 Целзиусови степени.
Велика Британија би можела да го има најтоплиот ден во историјата оваа недела бидејќи се очекува живата да достигне 41 Целзиусов степен.
Во понеделникот беше 38,1 степени во Сантон Даунхам, Сафолк, најтоплиот ден во земјата во годината. Метеоролошката канцеларија издаде црвено предупредување за понеделник и вторник за поголемиот дел од Англија, од Лондон до Јорк и Манчестер.
Највисоката температура досега забележана во Обединетото Кралство беше 38,7 степени Целзиусови во Кембриџ во 2019 година.
Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и подолго траат поради климатските промени предизвикани од човековата активност.
Светот веќе се загреа за околу 1,1 степени Целзиусови од почетокот на индустриската ера, а температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не одлучат за поамбициозни намалувања на емисиите на јаглерод, предупредуваат експертите.
Климатологот Јунис Ло од Универзитетот во Бристол за Би-Би-Си изјави дека „повисоките температури се знак за климатски промени“ и дека 2.000 смртни случаи годишно во Велика Британија може да се припишат на топлотните бранови.