Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, најави дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина, вклучително и зајакнување на воената помош, но и зајакнување на санкциите против Русија.
Борел оцени дека во ЕУ се води голема дебата за ефективноста на санкциите на ЕУ против Русија, како и дека некои лидери велат дека санкциите биле грешка и дека тие повеќе ја засегаат ЕУ отколку Русија.
„Мислам дека не е грешка. Ова е нешто што моравме да го направиме и ќе продолжиме да го правиме“, изјави Борел.
Пред почетокот на состанокот на Советот на министри за надворешни работи, што се одржува во Брисел, Борел рече дека министрите ќе го разгледаат предлогот за нов пакет за зајакнување на ефективноста на санкциите против Русија и ги отфрли обвинувањата дека цените на нафтата во Европа скокнаа поради воведувањето ембарго на нафтата од Русија.
Шефот на дипломатијата на ЕУ тврди дека Русија продолжува да го блокира украинското жито, да го „гори и уништува“, како и дека продолжува да ја бомбардира цивилната инфраструктура и да убива невини луѓе во Украина.
Тој изрази очекување дека на денешниот состанок на Советот на ЕУ ќе биде донесена политичка одлука за продолжување на воената помош за Украина.