Пожари беснеат во Франција и Италија. Пожарникарите во двете земји се борат со огнената стихија, соопштија властите на двете држави.
Повеќе од 1.000 француски пожарникари, со помош на девет канадери, од вторникот се борат за да ги контролираат двата пожари предизвикани од екстремната топлина и силните ветрови.
„ Ситуацијата се уште е неповолна“, соопштија властите на департманот Жиронд. Во пожарите уништени се вкупно 7.300 хектари земја. Само синоќа изгореа 2.000 хектари, соопштија властите. Под контрола е шумскиот пожар што избувна вчера во близина на градот Тараскон на југоистокот на земјата и изгоре најмалку 1.000 хектари.
Еден од двата пожари во Жиронд избувна во близина на градот Ландирас јужно од Бордо. Таму изгореа 4.200 хектари, патиштата беа затворени, а уште 480 жители беа евакуирани, вкупно речиси 1.000. Вториот пожар, кој веќе изгоре 3.100 хектари, гореше покрај брегот на Атлантикот во близина на „Дун Пилат“, најголемата песочна дина во Европа, во областа Аркахон залив, над која можеа да се забележат густи облаци од темен чад. Околу 6.000 луѓе беа евакуирани од околните кампови во средата, а уште 4.000 луѓе во четвртокот наутро. Три домови и два ресторани се уништени во текот на ноќта во областа, соопштија властите.
Италијанските пожарникари објавија дека пожарот во популарната област за пешачење во италијанскиот регион Јужен Тирол е под контрола откако се бореле со огнот во текот на ноќта. Ангажирани се околу 150 пожарникари, соопштија од противпожарната служба. Во гаснењето на пожарот помогна хеликоптер.
Пожарот го зафатил подрачјето на општината Прад ам Стилфсерјох во близина на границата со Швајцарија. Регионалните власти предупредија на опасност од нови пожари. Годинава веќе се евидентирани 40 шумски пожари, двојно повеќе од годишниот просек, соопштија надлежните.