Утрински Весник
Македонија

Опозицијата бара да се објави протоколот со Бугарија, власта тврди дека историјата не е предмет на преговори

Додека опозицијата обвинува дека со денови се крие што содржи протоколот договорен со Бугарија, СДСМ уверува дека македонскиот идентитет е заштитен.

dobivaj vesti na viber

ВМРО-ДПМНЕ објави дека вчера до пратениците бил доставен само еден лист хартија, и побара враќање на предлогот во Владата.

„Со денови манипулираат и кријат што содржи протоколот договорен со Бугарија или ако сакате годишниот извештај, документ кој е клучен во текот на преговорите. Токму во овој документ се уредени сите клучни барања на Бугарија и е врамен во преговарачката рамка. Бидејќи власта го крие, информациите за овој документ ги дознаваме од странски медиуми. Овој протокол предвидува конкретни обврски на Македонија кон Бугарија, диктат кога и кој учебник треба да се промени, диктат која лекција за некој историски настан или лик треба да се промени, диктат кој споменик да се објаснива со натпис, како ќе се уредува наводниот говор на омраза и слични други понижувачки моменти за Македонија кои водат до асимилација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, ова се причините поради коишто на власта и се брза со, како што велат, наводните консултации и со собраниската расправа, која нема апсолутно никаква врска со процесот, бидејќи се работи за меѓувладина конференција.

„Единствената реална улога која ќе ја има собранието е кога ќе треба да гласа по уште една уцена за почеток на преговорите, а тоа е промената на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ ги уверува граѓаните дека оваа уцена нема да дозволи помине“, велат од партијата.

Од друга страна, СДСМ е на ставот дека Собранието е местото за дебата и одлука околу заклучоците за предлог преговарачка рамка. Велат дека со последниот европски предлог имаме чист македонски јазик во ЕУ, без додавки и фусноти, македонскиот идентитет е целосно заштитен, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес.

„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, на кои не им успеаја крвавите сценарија креирани заедно со Левица и Алијанса, да се откажат од блокадите и деструкциите и да не бегаат од дебата за вакво важно прашање за иднината на нашите граѓани и нашата држава.Сите политички партии, сите пратеници во Собранието треба да покажат одговорност, државност, да придонесат со дијалог, конструктивност во носењето на конечната одлука. Пратениците од сите политички партии имаат одговорност да работат за граѓаните, а не за нечии туѓи интереси, и да обезбедат европска иднина на државата со зачуван македонски идентитет“, велат од СДСМ преку соопштение.

Можете да прочитате

На граничните премини Табановце и Богородица се чека околу 30 минути

ЦУК: Активни четири пожари, два под контрола

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи