Северна Македонија засилено работи на мерки и проекти во делот на енергетиката за зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Во националното законодавство ги имплементиравме сите политики и почнавме со зелена трнзиција. Но, како мала земја и мал пазар ние сме енергетски зависни. Енергетското поврзување со регионот, изградбата на нови интерконектори за природен гас со соседните земји ќе значи диверзификција на изворите со снабдување со енергенти и помала зависност од Русија, порача министерот за економија, Крешник Бектеши, во своето обраќање на панел-дискусијата „Синергија во адресирање на енергетските предизвици“ на енергетскиот форум МЕФ 2022, кој се одржува во Охрид.
Министерот Бектеши рече дека во делот на снабдување со гас земјата во моментот целосно е зависна од рускиот гас.
„Северна Македонија има само еден гасовод со Бугарија, кој е целосно закупен од ‘Газпром’ и доколку ‘Газпром’ одлучи да ја прекине испораката за Северна Македонија, тогаш земјата нема други извори за снабдување во моментот. До крајот на годината очекуваме да почне изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција, со што ќе се намали нашата зависност од руски гас“, рече Бектеши.
Министерпт информира дека земјата во последните неколку години целосно ги транспонира европските енергетски политики.
„Имајќи ја предвид Националната стратегија за развој на енергетиката донесена во 2019 година, беше изготвен Национален план за енергија и клима, кој ги опфаќа сите димензии на Европската Унија, односно: декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија, истражување, иновации и конкурентност“, изјави министерот.
Тој додаде дека државата ги разгледува сите можности и проекти во делот на инвестиции за зелена транзиција на земјата и потенцира дека во моментот клучна инвестиција е изградбата на интерконекторот со Грција.
„Северна Македонија е вклучена во првата регионална платформа на Европската Унија за купување енергија, на која ќе се решаваат регионалните потреби за гас, струја, инфраструктура, цени и намалување на зависноста од руските извори на енергија. Очекуваме конкретни мерки и чекори од оваа платформа со оглед на очекувањата за продлабочување на енергетскта криза во Европа“, посочи Бектеши.
Македонскиот енергетски форум МЕФ 2022 се одржува денеска и утре во Охрид и на него е предвидено да учествуваат повеќе од 50 домашни и интернационални панелисти, експерти, високи институционални претставници и други клучни фактори во енергетскиот сектор во вкупно седум панели, а главниот фокус на годинешното издание е ублажување на тековната енергетска криза преку праведна и демократска енергетска транзиција.