Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека постои можност таа да биде посредник во решавањето на конфликтот меѓу Русија и Украина.
Меркел не ја отфрли можноста да биде посредник, но не сега, туку во подоцнежна фаза, додавајќи дека од неа „не било ни побарано да интервенира“.
Таа посочи дека војната во Украина претставува „пресвртница во европската историја“ и дека рускиот претседател Владимир Путин мора да се сфати сериозно.
Меркел оценува дека нејзините одлуки додека била на позицијата германска канцеларка и нејзиното заминување од таа позиција можеби влијаеле на Путин да донесе одлука за започнување специјална воена операција во Украина.
Меркел ја призна и сопствената немоќ на крајот на нејзиниот мандат.
„Јасно беше дека нема да бидам долго време на функцијата и затоа едноставно морам да констатирам дека различните обиди во изминатата година немаа ефект.
Бидејќи одамна го познава Путин, ја прашале каков човек е тој.
„Неговите зборови треба да се сфатат сериозно“ рече кратко Меркел, пишува „РНД“.
Во одличното интервју за германската медиумска мрежа „РНД“, едно од ретките по нејзиното политичко пензионирање, Меркел изјави дека минатата година се обидела да разговара со Путин за европскиот безбедносен поредок, но дека рускиот лидер не бил заинтересиран.
„Од една страна, Путин повеќе не беше подготвен за нов самит во стилот на Нормандиската четворка, а од друга страна, не успеав да започнам дополнителен руско-европски формат за дискусија за европскиот безбедносен поредок“, рече Меркел, мислејќи на германските средби со Франција, Русија и Украина, што резултираше со договорите од Минск во 2014 и 2015 година.
Таа повтори дека стои зад нејзината одлука да го блокира барањето на Украина за влез во НАТО во 2008 година, бидејќи слична акција би предизвикала конфликт со Русија.
Таа го поддржа курсот на нејзиниот наследник Олаф Шолц (СПД).
„Мислам дека е правилно Западот да работи за опстанок на Украина, без да стане дел од директен воен конфликт“.
Прашана дали знаела дека конфликтот ќе започне, таа рече дека американскиот претседател Џо Бајден и’ ги дал првите индикации за тоа на самитот на Г-20 во Рим на крајот на октомври минатата година.
Рече и дека Путин не сака успешна Украина, која на крајот станала заложник на спротивностите меѓу Русија и Западот, поради што НАТО и ЕУ се дел од оваа борба.
„Гасот како оружје“
Ангела Меркел истакна дека Путин ја нападнал Украина на 24 февруари, во време кога Северен тек 2 сè уште не работи и дека Путин не може да користи гас како оружје во таа смисла.
„Станав канцелар во 2005 година. На самиот крај на мојот мандат, мојот претходник Герхард Шредер ја донесе одлуката за гасоводот Северен тек 1. Одлуката во корист на Северен тек 2 беше донесена во 2015 година. Оправдано е прашањето зошто продолживме да го правиме тоа по анексијата на Крим. Тоа не беше лесна одлука. Пред сè: дури и за време на Студената војна, имаше сигурен извоз на гас од поранешниот Советски Сојуз во Западна Европа. Не верував во промени преку трговија, туку во поврзаност преку трговија со втората по големина нуклеарна сила во светот. Во тој контекст, по преговорите за Договорот од Минск, сметав дека Северен тек 2 е оправдан, а не пречка за одржливиот развој на Украина.
Во времето кога се преговараше за „Северен тек 2“, имаше теза дека кога ќе профункционира, Путин ќе престане да испорачува гас преку Украина, па дури и ќе ја нападне. Сепак, се погриживме гасот да продолжи да се испорачува преку Украина и обезбедивме Украина да продолжи да добива надоместок за испораката на руски гас на Запад. Путин потоа ја нападна Украина на 24 февруари, иако низ Северен тек 2 се уште не поминал ниту еден кубен метар гас. Во таа смисла, гасот не беше оружје“ изјави таа.
Зошто Западот никогаш не се запрашал дали би било подобро да не купува гас?
„Да ја погледнеме ситуацијата во тоа време: Обемот на испораки, на пример преку цевководи од Велика Британија, паѓаше од година во година. И тогаш имавме многу високи цени на енергијата поради промоцијата на обновливите извори на енергија, постепеното исклучување на нуклеарната енергија и почетокот на постепената емисија на јаглен. Германската економија се одлучи за гасоводен транспорт на гас од Русија, бидејќи беше економски поевтин од течниот гас од Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, а подоцна и од САД. Значи, требаше политички да се одлучи дали наместо да купуваме гас од Русија, да купуваме многу поскап и згора на тоа, еколошки контроверзен течен гас против желбите на германската економија. Бевме подготвени да ја поддржиме изградбата на два терминали за LNG во Германија со пари од данок“, рече Меркел.
Првпат за болеста
Меркел за првпат јавно проговори за нејзиното треперење на крајот од нејзиниот мандат, кое загрижи многу Германци. Покрај недостатокот на течност, таа наведе уште две причини.
Прво проговори за нервозата поради бројните камери насочени кон неа. На прашањето зошто наеднаш ја исфрлило од рамнотежа после толку години, таа вели:
„Кога видов големи камери низ кои може да се погледне одблизу, се загрижив – може да се забележи кога сте малку послаби. На крајот побарав поинаков формат и обврските ги извршував само седејќи. Тоа беше добро тогаш“.
Друга причина што ја наведе е исцрпеноста по смртта на нејзината мајка во април 2019 година. Набргу потоа, таа отиде на Самитот на ЕУ. Запрашана дали функцијата е толку немилосрдна што нема време ниту да ја оплакува нејзината родена мајка, Меркел одговори:
„Имав, но многу малку. Мора да бидете достапни 24 часа на ден. Ако не лежам во кревет со температура од 40 степени, тогаш одам во Советот на ЕУ. Тоа беше моето разбирање за сето тоа. Често настинував“, објасни Меркел