Утрински Весник
Економија

Стојаноски: Овој Ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија е на раб од банкрот

Во наредните 3 недели, Собранието ќе расправа за Ребалансот на Буџетот за 2022 година. Овој Ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија е на раб од банкрот, економски разрушена, испокрадена и земја во која на дневна основа се зголемува сиромаштијата, вели Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Оценува дека државата никогаш немала повисока стапка на јавен долг, имаме, како што вели, највисока инфлација во последните 20тина година, огромен недостаток на домашно производство на електрична енергија, најнизок економски раст во регионот, но најкорумпирана власт која за пет години успеа да уништи сиот институционален капацитет кој се создавал во минатото.

„Ова е Влада на најголемите неработници. Се сменија десетина министри во економските ресори. Своето незнаење го покажаа Зоран Заев, Драган Тевдовски, Нина Ангеловска, Кочо Анѓушев, Мила Царовска, Фатмир Битиќи, Горан Сугаревски, Крешник Бектеши, Благоја Бочварски, Фатмир Бесими и Димитар Ковачевски. Резултатите нивни се катастрофални и се чуствуваат секојдневно и насекаде низ Македонија. Тоа не го велиме само ние, туку и меѓународните економски организации. Ние сме држава во која опаѓа продуктивноста, платите растат со субвенции од државата, јавниот сектор се зголемува, нема нови странски директни инвестиции, нема капитални инвестиции, јавниот долг ги пробива сите граници, а сме земја со најмал економски раст во последните пет години“, вели Стојаноски.

Дека власта нема институицонален капацитет говори, како што додава Стојаноски и реализацијата на капиталните расходи. Наведува дека со ребалансот, повторно се кратат најпродуктивните трошоци, овојпат за 100 милиони евра.

„Македонија е задолжена како никогаш до сега. До крајот на годината јавниот долг ќе пробие и нов плафон, осум милијарди евра. Со месеци водите преговори со ММФ за кредитна линија која покрај нас ја бараат Панама и Мароко. Се наоѓаме во група на земји кои имаат најголем пораст на јавниот долг во периодот од пред корона кризата до денес. Се радувате на инфлацијата, затоа што така ќе се намали процентот во однос на БДП. Генерации и генерации ќе го плаќаат економското цунами кое се случува во моментов“, вели Стојаноски.

Најави дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, поднела 174 амандмани преку кои, како што појасни, ќе се обидат да го подобрат секојдневието на граѓаните.

„Со оваа власт на ДУИ и СДСМ кризата ќе се продлабочува бидејќи тие се извор на кризи. Со ребалансот ништо нема да се промени на подобро, напротив, Македонија ќе продолжи да тоне уште повеќе. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори час поскоро за добро на граѓаните, државата, стопанството, младите, земјоделците, пензионерите, просветните, здравствените, образовните работници и секој еден човек“, подвлече Стојаноски.

Можете да прочитате

Во Одборот на директори на ЗК Пелагонија влегува Јове Кекеновски

Нова инвестиција на турската компанија „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје, до 200 нови работни места

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот