Кристоф Галтие е приоритетна цел на новиот спортски директор на Пари Сен Жерме, Луис Кампос, за нов тренер на клубот од француската престолнина, тврди „Ле Паризиен“. ПСЖ реши да се раздели со аргентинскиот стручњак Маурисио Покетино, кој речиси година и пол очигледно не го убедил раководството на тимот дека е вистинската личност за предводник на ѕвездениот тим.
Се очекува во наредните денови ПСЖ и официјално да ја објави разделбата од Покетино и да тргне по неговиот наследник.
Се појавија гласини дека можеби Жозе Мурињо ќе биде следниот тренер на „светците“, но, сепак, Луис Кампос, кој е инаку добар пријател со Португалецот, го одредил Кристоф Галтие за прва цел.
55-годишниот стручњак во сезоната 2021/22 ја водеше Ница до финалето на Купот на Франција и до петтото место во Лига 1. Претходно, Галтие му го донесе францускиот куп на Сент Етјен (2013) кој го предводеше меѓу 2009 и 2017 година, а во сезоната 2020/21 стана шампион на Франција со Лил.
> ПСЖ има приоритет за тренерската позиција и тоа не е Жозе Мурињо <