Утрински Весник
Економија

Грковска: Со дигитализација и поголема контрола против сивата економија

Сивата економија го поткопува интегритетот на целиот наш даночен систем, поради тоа заеднички сме фокусирани на борбата против неформалната економија, против корупцијата и еднаква примена на законите за сите субјекти и граѓани, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната онлајн конференција „Неформалната економија – причини, предизвици и потенцијални решенија“, во организација на Економскиот факултет при УКИМ и УНДП.

Зборувајќи за предизвиците што ги носи неформалната економија, Грковска посочи дека скриената економија е комплексен феномен и токму поради тоа сузбивањето бара сериозен и темелен пристап, како и креирање на сериозни мерки и политики со кои ќе се искорени оваа појава. Вицепремиерката нагласи дека, како негативна општествена појава, неформалната економија претставува значаен предизвик и горчлив проблем за сите држави.

„Како Влада силно сме посветени на подобрување на условите за работење и обезбедување подобра бизнис средина и создавање услови за непречено функционирање на компаниите според пазарните принципи, зашто односот помеѓу корупцијата и нерегистрираната економија е правопропорционален. Високата корупција ја зголемува мотивацијата за работа во неформалниот сектор и високата корупција влијае негативно на примената на законските прописи“, рече Грковска.

На конференцијата вицепремиерката истакна дека справувањето со сивата економија зависи од низа фактори.

„Секако еден од нив е дигитализацијата, на што оваа Влада е сериозно посетена, но и јакнење на системот на контрола на инспекциските служби, како и јакнење на казнената политика. Менување на перцепцијата дека неформалната економија е сигурна зона каде нема контроли и казни. И секако, јакнење на јавната свест, зашто повеќето граѓани не се свесни дека сивата економија има директно негативно влијание врз квалитетот на нивниот живот“, потенцираше Грковска.

Можете да прочитате

Николоски очекува раст на БДП од 3,7 проценти

Мицкоски: Најавувам 8 нови инвестиции за нови вработувања и посилен стандард

Советот на Народната банка го усвои најновиот Квартален извештај − најважните сегменти од економијата се во согласност со очекувањата