Утрински Весник
Економија

САД купуваат 60 милиони барели нафта за резерви за прв пат по 20 години

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да купи 60 милиони барели сурова нафта во третиот квартал за прв пат во последните 20 години за да ги надополни стратешките резерви, откако претходно одобри рекордно пуштање во продажба на нафта од резервите во тек на шест месеци, пишува Си-ен-ен.

Телевизијата јави, повикувајќи се на доверлив извор од Министерството за енергетика, дека ќе биде објавен долгорочниот план за купување нафта за националните резерви.

Испораката на првите 60 милиони барели, според Си-ен-
ен, би се плаќала со приходите од продажбата на нафта од резервите за итни случаи.

Планот предвидува процесот на надополнување на стратешките нафтени резерви на САД да трае со години.

Аналитичарот на стоковниот пазар на швајцарската UBS групација, Џовани Стауново, по овој повод за „Блумберг“ изјави дека цената на нафтата на пазарот сега ќе се одредува врз основа на количините што планираат да ги купат САД, имајќи ја предвид влошената ситуација со понудата и недостатокот на капацитет за складирање.

На 31 март, претседателот Бајден одобри пуштање во промет на милион барели нафта дневно од стратешките резерви на земјата за шест месеци, во обид да ги намали високите цени на „црното злато“.

 

Можете да прочитате

Во Одборот на директори на ЗК Пелагонија влегува Јове Кекеновски

Нова инвестиција на турската компанија „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје, до 200 нови работни места

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот