Утрински Весник
Свет

Австриски специјалци по грешка упаднале во семејна куќа

Специјалната единица на австриската полиција „Кобра“, која последниве десетина дена ги полни насловните страници поради возење на двајца членови, инаку обезбедување на австрискиот канцелар, во пијана состојба, повторно е во центарот на вниманието на јавноста, овој пат поради грешка и однесување кон едно семејство.

Во Генцерндорф, во близина на Виена, припадници на „Кобра“ упаднале во семејна куќа, со намера да уапсат наркодилери, но исплашиле само едно австриско семејство.

Околу седум часот специјалците ја скршиле вратата од семејната куќа и брутално упаднале внатре.

Со грубата акција ги изненадиле станарите и ги врзале барајќи наркотици.

За причината за акцијата семејството било известено дури по завршувањето на истата, а се работи за сомнение за недозволено држење и тргување со наркотици.

Семејството било исплашено од акцијата, а мајката рекла дека не го разбира однесувањето на полицијата кон нејзините ќерки.

„Кобрите“ ја разбудиле постарата ќерка која има 24 години и која во тоа време спиела, држејќи пушка вперена кон нејзината глава.

Помладата ќерка која има само 13 години во тој момент се туширала, а полицајците упаднале во бањата и не му дале можност на девојчето да се облече.

„Целосно не ги разбирам постапките на полицијата, особено кон моите деца“, вели мајката.

Министерството ги отфрла тврдењата дека полицијата ставила оружје на главата на постарата ќерка, и дека дејствијата имале расистичка позадина.

Сепак, од министерството ветуваат дека ваквите наводи ќе бидат истражени.

Можете да прочитате

„Алтернатива за Германија испиша историја со својата изборна победа во Саксонија-Анхалт, изјави нејзиниот регионален лидер

Студија: Од 2023 до 2025 година Израел го напуштиле речиси 1.400 лекари

Истекува флексибилниот режим за биометриските проверки на границите за влез во ЕУ