Утрински Весник
Свет

Повеќе од 140 Германци се под истрага за одобрување на руската инвазија

Повеќе од 140 Германци се под истрага за одобрување на руската инвазија

Од почетокот на војната во Украина, германските власти покренале повеќе од 140 истражни постапки поради јавно одобрување и поттикнување на руската инвазија, при што најголем дел од случаите се истакнување на буквата „Z“, пренесуваат германските медиуми.

Над 140 постапки се покренати низ Германија против оние кои јавно ја одобриле и ја поздравиле руската инвазија на Украина, прекршувајќи го ставот од германскиот закон кој забранува поттикнување и одобрување на кривични дела, за што се предвидени парични казни и до три години затвор.

Најголем дел од истражните постапки се поврзани со јавно истакнување на буквата „Z“, што е забрането во неколку сојузни покраини. Со оваа буква руските трупи во Украина ги означуваат своите тенкови и оклопни возила. Се проценува дека бројот на истраги на ова поле е многу поголем, но некои сојузни покраини не водат посебна статистика за овој вид кривични дела.

Голем број постапки се забележани во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт, како и во делови на Германија каде што живеат голем број луѓе со руско потекло, вклучително и т.н. руски Германци, припадници на германското малцинство кои емигрирале во Германија по распадот на Советскиот Сојуз.

Досега се одржани голем број протести за поддршка на Русија, вклучително и во Берлин и Хановер.

„Слободното изразување на мислење е драгоцен дел од нашиот Устав. Секој во Германија е слободен да го изрази своето мислење, но слободата на мислење завршува таму каде што започнува кривичното право“, изјави Георг Ајзенрајх, министер за правда на Баварија.

Тој за медиумската куќа РНД посочи дека јавното одобрување на злосторства и кршења на меѓународното право е недозволиво во Германија.

Можете да прочитате

Седум лица загинаа во поплава во северен Пакистан

Финска обвини тројца офицери на танкерот „Игл С“ за саботажа на подморски кабли во Балтичко Море

Трамп: Националната гарда ја презема контролата врз спроведувањето на законот во Вашингтон