Рускиот амбасадор во Подгорица Владислав Маслењиков денеска изјави дека Русија адекватно ќе одговори на новите санкции што и ги воведе Црна Гора.
– Безусловното пристапување на Црногорците кон сите одлуки на Европската унија за санкции, почнувајќи од 2014 година, тешко може да се смета за пријателски чекор. Мислам дека и денешната одлука на црногорската влада ќе биде придружена со адекватен одговор – изјави амбасадорот за ТВ каналот „Русија 24“.
Тој објасни дека по правило ќе следи реципрочен, но можеби асиметричен одговор, пренесува Спутник.
Претходно денеска, по неколку неуспешни обиди, црногорската влада усвои пакет рестриктивни мерки против Русија.
Руската амбасада во Црна Гора синоќа за Спутник потврди дека добила нота од црногорското Министерство за надворешни работи за протерување на четворица руски дипломати.
На почетокот на март, Подорица прогласи руски дипломат за персона нон грата.