Утрински Весник
Свет

Мишел им порача на руските војници: Ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето

Мишел им порача на руските војници: Ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето
Dik 300x250 mk

Европската унија порано или подоцна ќе мора да се откаже од рускиот гас и нафта за да изврши дополнителен притисок врз Русија да ја запре агресијата врз Украина, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

– Ги заоструваме санкциите за да го задржиме максималниот притисок врз Кремљ. Мислам дека порано или подоцна ќе бидат потребни мерки за нафтата, па дури и за гасот – рече Мишел во дебатата на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Европската комисија вчера предложи петти пакет санкции против Русија, кој вклучува забрана за увоз на јаглен, забрана за сите трансакции за четири клучни руски банки, забрана за приклучување руски бродови во европските пристаништа и најави дека работи на дополнителни санкции.

Мишел ги повика руските војници да го фрлат оружјето доколку не сакаат да бидат криминалци.

– Имаме порака до руските војници на фронтот: ако не сакате да бидете криминалци, фрлете го оружјето, престанете да се борите. Ќе мора да има сериозни последици за одговорните за грозоморните злосторства. Путин не може и нема да победи во оваа војна – истакна Мишел.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во својот говор потврди дека петтиот пакет санкции сигурно нема да биде последен во кој ЕУ ќе продолжи да ги заостри мерките против Русија.

Таа ги предупреди руските власти дека одговорните за воените злосторства ќе мора да одат на суд.

– Сите видовме вознемирувачки слики од Буча. Еве што се случува кога трупите на Путин ја окупираат украинската територија и ја нарекуваат ослободување. Јас тоа го нарекувам воени злосторства и руските власти ќе мора да одговараат за тоа – изјави фон дер Лајен.

Можете да прочитате

Се запали автобус со навивачи на „Барселона“ во Бриж, нема жртви

Над 30 повредени откако бил испуштен иритирачки гас во германско училиште

СЗО ќе вакцинира 44.000 деца во Појасот Газа