Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска изјави дека испратил препорака до претседателот да го распушти парламентот на земјата и да распише нови избори.
Овој потег уследи неколку минути откако заменик-претседателот на парламентот го отфрли предлогот за недоверба на премиерот, нарекувајќи го „неуставен“.
Опозицијата, предводена од Пакистанската народна партија (ППП) и Пакистанската муслиманска лига-Наваз (PML-N), поднесе барање за недоверба на Кан на 8 март, тврдејќи дека премиерот ја изгубил довербата на повеќето пратеници.
Откако заменик-претседателот на парламентот го отфрли предлогот за недоверба на премиерот, Кан накратко и се обрати на нацијата.
– Честитки до целата нација за оваа победа. Заменик-претседателот го отфрли предлогот за недоверба на опозицијата на владата, што беше наредено од странска сила, рече Кан, додавајќи:
– Испратив препорака до претседателот да ги распушти собранијата и да распише нови избори. Нека одлучи народот кого сака да види на власт. Не е надлежност на странска сила да одлучува за тоа.
Се уште не е јасно дали ќе се распушти само Националното собрание, долниот дом на парламентот или истото ќе се случи со четирите покраински собранија.