Соединетите Држави распоредија два нови противвоздушни системи „Патриот“ во Полска, во согласност со нивната посветеност да ја бранат територијата на НАТО, изјави висок претставник на Пентагон.
Овие противвоздушни ракетни системи, вообичаено стационирани во Германија, беа преместени по барање на полските власти, додаде високиот функционер, кој сакаше да остане анонимен.
„Два системи ‘Патриот’ сега се распоредени во Полска. Нема да откриеме каде точно се позиционирани, но тие се во Полска и се во функција.
„Патриот“ се ракетни системи кои можат да пресретнат и уништат балистички ракети, авиони и крстаречки ракети. Тие се широко користени на Блискиот Исток.
„Тоа е чисто одбранбено распоредување од превентивна природа за да се одговори на каква било можна закана против нас и против сојузничките сили“, рече високиот функционер, потсетувајќи на посветеноста на претседателот Џо Бајден да го почитува членот 5 од Повелбата на НАТО, во кој се наведува дека сите земји членки мора да му помогнат на сојузникот во случај на напад.
Веста доаѓа еден ден откако Вашингтон го отфрли предлогот на Варшава за испраќање борбени авиони МиГ-29 од руско производство во американската воена база во Рамштајн за да бидат препратени во Украина, чии пилоти се обучени да управуваат со МИГ.