Утрински Весник
Свет

Бомбашки напад во џамија во Пакистан, 45 мртви

Бомбашки напад во џамија во Пакистан, 45 мртви

Најмалку 45 верници загинаа денеска во самоубиствен бомбашки напад во џамија во северозападниот пакистански град Пешавар, а уште 65 лица се повредени, од кои многумина се во критична состојба, соопшти локалната полиција.

Шефот на полицијата во Пешавар, Мухамед Ејаз Кан, изјави дека насилството почнало кога двајца вооружени напаѓачи отвориле оган врз полицијата пред џамијата во стариот дел на Пешавар, пренесе АП.

Во судирот загинале еден напаѓач и еден полицаец, а уште еден полицаец е ранет.

Другиот напаѓач потоа влетал во џамијата и активирал бомба.

Претставник на локалната полиција изјави дека експлозијата се случила додека верниците се собирале во верскиот храм и рече дека бројот на жртвите, најверојатно, ќе се зголеми бидејќи многумина се повредени и се наоѓаат во критична состојба.

Амбулантни возила утрово се упатија во пренатрупани тесни улички за да ги пренесат повредените во болница.

Во моментот на експлозијата во џамијата имало најмалку 150 верници.

Никој веднаш не ја презеде одговорноста за експлозијата, според АП, потсетувајќи дека Исламската држава и насилната пакистанска талибанска организација претходно извршиле слични напади во регионот, кој е во близина на границата со соседен Авганистан.

Сведокот Шајан Хајдер, вели тој, се подготвувал да влезе во џамијата кога силна експлозија го исфрлила на улицата.

„Ги отворив очите и насекаде имаше прашина и тела“, рече тој.

Малцинските шиитски муслимани често се напаѓани во Пакистан.

Можете да прочитате

Стигна првата реакција на Москва на ултиматумот на Трамп

Трамп ѝ се закани на Русија: Или примирје или нови посилни санкции

Зеленски го смени премиерот и предложи жена на премиерската функција