Малопродажниот синџир „Јуск“ објави дека поради моменталната ситуација одлучил привремено да ги затвори своите 13 продавници во Русија.
„ Нашиот фокус од почетокот на оваа кризна ситуација беше на безбедноста на вработените во Украина. Затоа во четвртокот рано наутро привремено ги затворивме сите 86 наши продавници во Украина. Со оглед на ситуацијата во Русија, решивме привремено да ги затвориме продавниците во таа земја“, рече Руне Јунгберг Педерсен, директор за комуникации и корпоративна општествена одговорност.
На почетокот на оваа недела, „Јуск“ одлучи да ги запре повеќето од своите активности во Русија, вклучително и понатамошно проширување и потпишување нови договори за закуп, соопшти компанијата. Посочуваат и дека во исто време е донесена одлука за прекин на сите маркетинг активности во Русија.
„ Внимателно ја следиме ситуацијата во Русија и континуирано го прилагодуваме нашиот бизнис на сегашните околности. Сега е време да реагираме“, рече Руне Јунгберг Педерсен.
„Јуск“ во соопштението наведе и дека преку соработка со невладините организации во моментов делат ќебиња, вреќи за спиење, јоргани и многу други неопходни производи на бегалците од Украина, како и на луѓето во Украина. Исто така, „Јуск“ се обидува да им помогне на своите вработени со тоа што ќе им исплати плати на украинските колеги што е можно поскоро во следните два месеци.
Во земјите кои граничат со Украина се формирани тимови на „Јуск“, чија задача е да им пружат помош на украинските колеги во обезбедувањето сместување и работни места во земјата што ќе ја изберат. „Јуск“ исто така, формираше фондација на која вработените ширум Европа ќе имаат можност да донираат за своите украински колеги.
Компанијата го отвори фондот со исплата на првиот милион дански круни (приближно 135.000 евра), а сите вработени наскоро ќе имаат можност директно да платат или да им се одземат донациите од платите, се вели во соопштението.