Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски го утврди предлогот до Управниот Одбор за избор на нови потпретседатели на Сојузот – Горан Ѓорѓиевски претседател на Агро-бизнис комора, Орце Симов, претседател на ИКТ КомораТања Дејаноска претседател на Комора за приватно здравство.
Од Сојузот на стопанските комори коментираат дека измените во раководните структури се дел од поширок процес на реформски активности за внатрешно реорганизирање и зајакнување на капацитетите на Сојузот со цел следење на современите трендови и текови на делување, во насока на подобро застапување на интересите на членовите и остварување на нивните потреби за раст и развој на бизнисите.
„Новите потпретседатели се истакнати и докажани бизнисмени и претприемачи кои преку нови и свежи идеи ќе дадат значаен инпут во планирањето и спроведувањето на новите активности“, велат од Сојузот.
Тројцата нови потпретседателите доаѓаат на местото на досегашните Драган Митковски, Александра Андреева, Ивица Јаќимовски и Владимир Граматиков чиј мандат се прекинува.
Сојузот на стопански комори на Македонија е најголема деловна организација која ги промовира и застапува интересите на сите стопански субјекти кои се негови членови. Покрај големите компании, а имајќи го предвид фактот дека малите и средни претпријатија се движечка сила на секоја економија и дека нивниот развој, долгорочно гледано, води кон јакнење на целокупната економија, ССК во своето делување посебен акцент става на развој и поддршка на малите и средни претпријатија. Сојузот овозможува застапување, пристап до информации, бази на податоци, едукација, правни совети, помага во идентификување на нови деловни партнери, овозможува настапи на саеми, обезбедува информации за извори на финансирање.