Повеќе светски медиуми пренесоа извадоци од емотивниот говор на британскиот актер Бенедикт Камбербач откако ја доби својата ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.
Актерот од „Моќта на кучето“ го искористи својот говор на церемонијата за да ѝ оддаде почит на својата сестра Трејси Пикок, кој почина од рак минатата година.
„Сакам да ја споменам сестра ми која ја загубивме минатата година. Ќе ѝ се допаднеше ова. Беше неверојатно лојална, голем поддржувач, и ќе ѝ се допаднеше овој сјај и гламур. Таа ќе се смееше непрекинато, и веројатно ќе заплачеше од радост,“ рече Бенедикт. „Се надевам дека од некаде горе, каде што сјаат вистинските ѕвезди, ти ме гледаш во моментов. Сигурен сум дека е така. Многу ни недостигаш.“
Камбербач ја искористи приликата за да ја осуди руската инвазија во Украина и повика на заедничка акција за запирање на понатамошниот руски воен напредок.
Тој изрази поддршка за народот на Украина и оние во Русија кои се противат на одлуката на Владимир Путин да ги нападне нивните соседи.
„Не можам да говорам денес во овој неверојатен момент од мојот живот, а да не го спомнам очигледното – она што се случува во Украина – и да ја изразам мојата поддршка за народот на Украина, мојата поддршка за народот на Русија кој се противи на клептократијата и идиотизмот на своите владетели“.
45-годишниот британски актер е познат по улогата во култната серија „Шерлок“, а годинава е номиниран за „Оскар“ за најдобар актер („Моќта на кучето“).