Русија започна воена акција во Украина од копно, воздух и море. Руските проектили ги зафатија украинските градови.
Во Киев има редици пред банкоматите и продавниците и се купува храна и вода.
Сообраќајот е густ кон запад, во правец на полската граница. Западните земји стравуваат од можен голем бран бегалци.
Земјите од источното крило на Европската Унија почнаа да се подготвуваат да примат потенцијално стотици илјади луѓе од Украина.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните воздушни напади не биле насочени кон цивилното население и не претставуваат закана за цивилите.
Руските сепаратисти тврдат дека веќе освоиле два помали града на исток, а Русија во меѓувреме го прекина целиот поморски сообраќај во Азовското Море.