Утрински Весник
Свет

САД воведе санкции против Русија

САД воведе санкции против Русија

Американскиот претседател, Џо Бајден, вечерва и’ се обрати на јавноста и најави санкции кои САД ќе ги воведат кон Русија како одговор на признавањето на двата проруски региони во источна Украина, но и најавата за испраќање руски војници во тие провинции.

По воведниот дел од говорот, Бајден тргна да ги објави санкциите што ќе ги воведе кон Русија. Тој рече дека „ќе работи со партнерите за да се осигура дека проектот за гасоводот Северен тек 2 ќе остане запрен“.

Бајден најави дека во првиот пакет санкции ќе блокира две големи руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави дека делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи.

Американскиот претседател рече дека санкциите одат многу подалеку од оние кои претходно беа воведени и дека ќе го прекинат пристапот на руската влада до западните финансии, кои и’ се потребни за сервисирање на јавниот долг.

Бајден рече дека одобрил дополнително испраќање американски војници во сојузничките земји во Источна Европа. Тој нагласи дека војниците и опремата кои веќе се наоѓаат во Европа ќе бидат испратени во балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

„Да бидам целосно јасен, ова се одбранбени маневри. Немаме намера да се бориме со Русите“, рече Бајден.

Испраќањето војници на Балтикот, како што додаде, треба да испрати порака до американските сојузници дека САД ќе ја бранат територијата на НАТО и ќе ги почитуваат обврските. Бајден не сакаше да одговара на прашањата на новинарите. Тој ќе го стори тоа на брифинг во Белата куќа што наскоро ќе започне со неговата портпаролка Џен Псаки.

Можете да прочитате

Веројатниот наследник на лидерот на Хезболах, Каани исчезна по израелските напади на Бејрут

Бајден: Никогаш нема да се откажам од напорите за враќање на израелските заложници

Ладен туш за Украина: Словачкиот премиер ќе го блокира влезот во НАТО додека тој е на власт