ВМРО-ДПМНЕ владее на локално ниво, раководи со повеќе од половина од општините, а резултатите се еднакви на нула, обвини на денешната прес-конференција, пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски.
Според него, како локална власт ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнува ветувањата и немаат реализирани проекти.
„Тие само бараат пари од Владата, а се луксузираат – трошат народни пари, а ништо не работат. Последен пример за расипничко трошење на парите на граѓаните е набавката на скапи компјутери вредни околу 38.000 евра од страна на градoначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Неговиот колега од Ѓорче Петров, Александар Стојкоски потроши 6.000 евра за набавка на чоколади и сокови.
Уште еден пример е градоначалничката Данела Арсовска. Град Скопје годинава ќе потроши неверојатни 670.000 евра за вработување на 109 партиски кадри. Во исто време кога ги остави скопјани без парно, па мораше Владата да им помогне“, изјави Каевски додавајќи дека не може градоначалниците да немаат пари за струја и да бараат од Владата да ги покрива, а од друга страна да купуваат апетисани и да се луксузираат, да ги полнат, како што рече, јавните претпријатија со партиски војници.