Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговиот говор по повод 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ истакна кога се работи за историјата не треба да има поделби на наши и ваши или леви и десни.
Тој порача дека владата и Ковачевски прават голема грешка и дека испуштаат историска шанса да застанат на вистинската страна и го повика народот на будност.
„Со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нас ни е најмило. Со тоа што источниот сосед ја негира македонската вистина за Делчев, ни удираат во темелите. Со тоа што ја негираат нашата историја и јазик сериозно ги нишаат столбовите од нашиот дом. Со тоа што ни ја блокираат нашата европска иднина, не ни дозволуваат да имаме кров и облик на нашиот дом каков што сакаме да го имаме и каков што треба да го наследат генерациите после нас“, рече Мицкоски.
Мицкоски понуди единство за прашањата кои се важни за татковината. Тој рече дека е подготвен да ја премости секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси.
Во однос на отчетот рече дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ отпочнале 1.096 проекти за нецели 100 дена.
Додека траеше говорот на Мицкоски, во повеќе наврати доаѓаше, па прекинуваше струјата, а од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност и одговори од Владата бидејќи се соменеваат дека струја немало поради отчетот.