Утрински Весник
Македонија

(Видео) Митева: Советниците на СДСМ на сметка на Град Скопје се гоштевале со скапи јадења

(Видео) Митева: Советниците на СДСМ на сметка на Град Скопје се гоштевале со скапи јадења

Додека СДСМ блефира и манипулира со јавноста дека Македонија е најдобро рангирана според извештајот на „Транспаренси интернешнал“, денес имаме нов доказ кој покажува зошто Македонија е повторно во групата земји со највисока перцепција за корупција во Европа, рече на прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Како што кажа таа, на сметка на Град Скопје за време на локалните избори советниците и припадници на противпожарната бригада се гоштевале по ресторани.

„Се нарачувале бифтек таљати, пршути, лососи, медаљони, специјална нарачка фрути ди маре во вредност од 8.600 денари.

Според наведеното во барањето за одобрување на средства за репрезентација, лицето Владимир Симоновски, командант на противпожарната бригада навел дека репрезентациите се искористени за гости од странство при промоција на скалата-возило“, наведе Митева и потсети дека на социјалните мрежи се ширеле гласини оти во кризните моменти кога Македонија ја зафатија пожари на одмор бил и командирот на скопската противпожарна бригада.

Партиската портпаролка ја спомена и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева која, како што рече, за време на кампањата за локални избори, на 22 октомври, од сметка на градот потрошила 39.700 денари за репрезентација во еден ексклузивен угостителски објект на кејот на Вардар.

„Оттука, сосема јасно е зошто Македонија се наоѓа на 87-то место на извештајот на ‘Транспаренси интернешнал’. Владата на СДСМ и на локално ниво изминативе 4 години беше дел од голем број скандали, сомнителни јавни набавки и тендери во четири очи, коруптивни зделки и злоупотреба на јавната функција“, обвини Митева.

Можете да прочитате

Случајот „Демир Хисар“ ја отвори дилемата – закон за сите или само за послабите?

Локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година – вториот круг на 2 ноември

Гаши потпиша: Локалните избори ќе бидат на 19 октомври