Утрински Весник
Свет

САД и НАТО подготвени да го продолжат дијалогот со Русија

САД и НАТО подготвени да го продолжат дијалогот со Русија

САД и НАТО се подготвени да го продолжат реципрочниот дијалог со Москва, се вели во соопштението на Стејт департментот, по телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

„САД и НАТО се подготвени повторно да се сретнат со Русија и се посветени на продолжување на дипломатијата и реципрочниот дијалог“, се вели во писмената изјава на портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.

Тој изјави дека Блинкен и Столтенберг зборувале телефонски, со цел да разговараат за понатамошните чекори по состанокот на Советот НАТО-Русија на 12 јануари, пренесуваат агенциите.

На 17 декември 2021 година, Министерството за надворешни работи на Русија објави нацрт-договор за безбедносни гаранции меѓу Русија и САД и нацрт-договор кој ја гарантира безбедноста на Русија и земјите-членки на НАТО.

Консултации за ова прашање беа одржани во Женева на 10 јануари, по што следеше состанок на Советот Русија-НАТО во Брисел на 12 јануари и седница на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена во јануари.

Западот и Киев ја обвинуваат Русија дека подготвува инвазија на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека таквите тврдења се празни и неосновани и служат како изговор за ескалација на тензиите, нагласувајќи дека Русија не претставува закана за никого.

Можете да прочитате

Камион се преврте врз цивили кои чекаа помош во Газа, најмалку 20 мртви

Трамп: Сакам повторно да се кандидирам, но веројатно нема да го сторам тоа

Либанскиот премиер ја повика армијата да го стави целото оружје во земјата под владина контрола