Утрински Весник
Македонија

Павле Трајанов бара укинување на одредби од Изборниот законик: „Четири партии се фаворизираат, на сметка на помалите“

Павле Трајанов бара укинување на одредби од Изборниот законик: „Четири партии се фаворизираат, на сметка на помалите“

Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов до Уставниот суд достави иницијатива, со која бара укинување на одредби од Изборниот законик со кои, како што вели, им се овозможува системска монополска положба на четири партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ И Алијанса за Албанците), при изборните процеси.

Во законот 90 проценти од медиумскиот простор за финансирање припаѓа на овие партии, како и финансиските средства за изборната кампања и рекламниот простор за билборди и паноа.

„Само како пример, од девет минути дополнително време за медиумско претставување, осум припаѓаат на четирите партии, а само една минута за сите други партии и независни листи. Со овие одредби четирите партии си обезбедуват огромна предност за преставување на своите програми и кандидати за пратеници, градоначалници, советници или претседател на државата. Со овие одредби се крши Уставното начело за еднаквост на партиите при настап на изборите“, вели Трајанов.

Тој вели дека во член 75 став 2 од Изборниот закон меѓу друго стои: „Учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето.“ Сепак, со истиот закон, вели Трајанов, се руши ваквиот став и се предвидуваат фаворизирачки решенија за четирите партии, две од позиција, две од опозиција кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови.

Според него, ваквата системска предност спречува другите партии да ги претстават пред граѓаните своите програми и да можат граѓаните да донесат одлука за кого ќе гласаат.

Трајанов очекува од Уставниот суд, оспорените одредби да ги укине, со што сите партии и независни листи и кандидати ќе имаат еднакви шанси за победа на изборите.

 

Можете да прочитате

Од понеделник времен режим на сообраќај на патот Градско – Дреново поради изградба на клучката Дреново

Честитка на министерот Минчев по повод Денот на Републиката

Мицкоски: Илинден нè обединува околу идејата за држава што ги надминува поделбите