Власта најбрутално сака да ја продаде АД Славија за 218.535 евра, а целата Славија има имоти и објекти вредни над 20 милиони евра, обвини повторно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Без официјална проценка, без ништо, Владата ја мести Славија за продажба на нивни блиски луѓе топтан да го земaт целиот имот“, додаде тој.
Како што кажа Арсовски, Фатон Асани СДСМ и Владата вчера направиле обид да го замаскираат потенцијалниот криминал кој би се случил со продажбата на АД Славија.
Според него, имотот сега чини 9 милиони евра, а ќе чини и многу повеќе, а, како што рече, тоа што сака власта да го направи е да приграби државен и народен имот за ич пари.
„Само оваа зграда, позади мене, заедно со пропратните објекти, според процените од 2016 година чини над 9 милиони евра. Објектите како што е управната зграда, магацините, старите и новите и другите пропратни објекти на ова земјиште тука чинат дури 9 милиони евра, на површина од околу 40.000 квадратни метри земјиште кое се наоѓа тука, кое е во постапка за да приватизација од државно да стане сопственост на АД Славија преку службата за имотно-правни односи. Со приватизацијата на земјиштето, дополнително би се зголемила вредноста на овој имот позади мене за уште неколку милиони евра“, посочи партискиот портпарол.
Арсовски обвини дека во најава е груб криминал и брутално распродавање на имотот на граѓаните за смешна цена.
„Оваа сума е дури 100 пати под продажната и тоа во период кога се менуваат две гарнитури во СДСМ и Владата, за да мислат дека никој нема да сноси одговорност. А се знае, ќе отиде во рацете на некој близок до картелот на власт“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.