Утрински Весник
Свет

Американскиот ЦДЦ ги препорача вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ наместо „Џонсон и Џонсон“

Американскиот ЦДЦ ги препорача вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ наместо „Џонсон и Џонсон“

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) им препорача на Американците да изберат една од двете други овластени вакцини против Ковид-19 наместо „Џонсон и Џонсон“, поради ретки, но понекогаш фатални случаи на згрутчување на крвта.

Потегот на ЦДЦ следеше откако неговиот советодавен одбор за имунизација едногласно ја изгласа препораката за вакцините „Модерна“ и „Фајзер/Бионтек“ наспроти „Џонсон и Џонсон“.

Од повеќе од 200 милиони целосно вакцинирани луѓе во Соединетите Американски Држави, околу 16 милиони ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“, според податоците на ЦДЦ.

„Џонсон и Џонсон“ соопшти дека безбедноста на оние кои ја користат нивната вакцина е главен приоритет.

Случаите на тромбоза со синдром на тромбоцитопенија, кој вклучува згрутчување на крвта придружено со низок број тромбоцити, претходно биле пријавени кај приматели на вакцината „Џонсон и Џонсон“. Највисоки стапки се пријавени кај жени под 50 години.

ЦДЦ соопшти дека стапката на вакви инциденти е повисока од претходно проценетата, и кај жените и кај мажите. Агенцијата идентификуваше повеќе од 50 такви случаи во САД, околу 3,83 случаи на милион примени дози на „Џонсон и Џонсон“.

Најмалку девет лица починаа по инциденти со згрутчување на крвта во Соединетите држави, соопшти ЦДЦ.

Членовите на Комитетот, исто така, рекоа дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е помалку ефикасна во спречувањето на Ковид-19 од другите две одобрени вакцини.

Можете да прочитате

Суд во Флорида ѝ наложи на Тесла да плати 243 милиони долари отштета за фаталната несреќа со автопилот

Oграничена употребата на мобилни телефони во училиштата во Финска

Украински напади со беспилотни летала на југот на Русија, најмалку три лица загинаа