Во текот на панел-дискусија организирана од американскиот магазин Wired, Принцот Хари говореше за онлајн омразата и хејтерските коментари насочени кон неговата сопруга Меган Маркл.
„Можеби највознемирувачки од сево ова е бројот на британски новинари кои комуницираат со нив и на тој начин ја појачуваат омразата и лагите, но тие ги пласираат овие лаги како вистина“, рече тој.
Потоа, војводата од Сасекс се осврна на терминот „Мегзит“ и рече дека зборот мегзит (кој асоцира на брегзит) го создал трол за да ја опише нивната одлука да се откажат од кралските должности, што потоа беше засилено во весниците.
„Овој збор беше пример за онлајн и медиумска омраза.“
„Најверојатно луѓето не знаат, но терминот ‘Мегзит’ е мизогинистички термин, создаден од трол и засилен од страна на кралски дописници. Овој термин растеше во мејнстрим-медиумите. Но, сè започна со трол“, рече војводата од Сасекс на панелот Internet Lie Machine.
Во фамозното интервјуто за Опра, Хари откри дека дел од причината за нивното напуштање на кралското семејство бил и расистичкиот однос на британските таблоиди кон Меган, чија мајка е афроамериканка.
Студија објавена во октомври од страна на сервисот за анализа на социјалните медиуми „Бот Сентинел“ идентификуваше 83 профили на Твитер за кои тврди дека се одговорни за 70% од содржините со омраза и дезинформациите насочени кон Меган и Хари.
Токму поради ова Хари и Меган водат кампања против негативноста на социјалните мрежи, за која велат дека влијае на менталното здравје на луѓето.