Утрински Весник
Свет

Талибанците повикуваат на соработка и бараат одмрзнување на парите

Талибанците повикуваат на соработка и бараат одмрзнување на парите
Dik 300x250 mk

Талибанските власти во Авганистан ја повикаа меѓународната заедница на соработка и добри односи иако избегнуваат цврсто да се посветат на обезбедување образование за девојчињата и покрај барањата што доаѓаат од светот да им овозможат на нивните деца од Авганистан да се вратат на училиште, пренесуваат медиумите во светот.

Речиси два месеца откако поранешната влада во Авганистан поддржана од Запад ја напушти земјата и бунтовничките сили влегоа во Кабул, новите талибански власти се обидуваат да ги подобрат односите со другите земји за да помогнат да се спречи катастрофална економска криза.

„Наместо притисок, меѓународната заедница треба да почне да соработува со нас. Ова ќе ја запре несигурноста и во исто време ќе се вклучи позитивно во светот“, рече вршителот на должноста министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, на настан организиран од Центарот за конфликти и хуманитарни студии во Доха.

Талибанците досега одбиваа да им дозволат на девојчињата да се вратат во средно училиште, едно од клучните барања на меѓународната заедница, откако владата во Кабул минатиот месец одлучи да ги отвори училиштата за деца над шесто одделение, но само за момчињата.

Мутаки рече дека талибанската влада внимателно ги мери своите потези, но дека е на власт само неколку недели и дека не може да се очекува да ги заврши реформите што меѓународната заедница не успеа да ги спроведе за 20 години.

Талибанскиот министер ги повтори повиците до Вашингтон да ги одмрзне финансиските резерви на авганистанската централна банка во вредност над 9 милијарди долари, кои се чуваат надвор од земјата, но исто така рече дека владата има приходи од даноци, царински тарифи и земјоделство доколку тие средства останат замрзнати.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави претходно дека талибанците ги прекршиле ветувањата за гарантирање на правата на жените и девојчињата и дека нема начин да се подобри економијата доколку на жените им биде забрането да работат.

Тој исто така нагласи дека меѓународната заедница мора да најде начини да испрати пари за авганистанската економија за да спречи целосен колапс.

Можете да прочитате

Мерц и Ердоган со спротивставени ставови за војната во Газа

Над 130 убиени лица во полициска акција во Бразил

Русија: За да биде потпишан мировен договор, Токио треба да се откаже од антирускиот курс