Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Арсовска истакна дека еден од приоритетните проекти од нејзината програма за Чаир и Скопје е Старата чаршија која, како што рече, мора да стане култно место за градот, велејќи дека со тоа ќе се врати соживотот во Скопје.
„Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да стане култно место. Од исклучителна важност е да ја заживееме чаршијата и занаетите, да ја зголемиме нејзината туристичко-економска понуда и да ја направиме уште еднаш свртувалиште на сите скопјани. Градот ќе посвети дополителна грижа, во рамки на своите надлежности, на зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Ќе работиме и на целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација. Ќе дадеме и поддршка за организирање на голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Тука повторно ќе го оживееме соживотот во Скопје”, порача таа вечерва пред граѓаните на општина Чаир.
Посочи дека врвен фокус ќе биде и проширувањето и реконструкцијата на една од главните артерии на градот, булеварот Цветан Димов.
„Оној ист булевар кој го ветија и го заборавија ќе го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Битпазар до Христијан Тодоровски Карпош. Оваа делница ќе претставува ефикасен и брз конектор на општините Чаир, Бутел и Центар“, истакна Арсовска.
Во соработка со општинската власт вети и нови катни гаражи и паркиралишта кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир и Топанско поле.
„Ќе проектираме и нов крак на улицата Боца Иванова од кружниот тек до булеварот Христијан Тодоровски Карпош, ќе ја прошириме Македонско-Косовска бригада и ќе обезбедиме брз и лесен превоз на сите граѓани. Но, нема да ги заборавиме и новите велосипедски патеки кои ќе го поврзат Чаир со Центар и Бутел”, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје.