Утрински Весник
Македонија

Арсовска: Градските служби треба да го поттикнат развојот на локалните бизниси

Арсовска: Градските служби треба да го поттикнат развојот на локалните бизниси

Како човек што 20 години е дел од бизнис секторот знам точно со што се соочувате и каде е потребно да се влијае за да се овозможи одржливост и раст на локалните бизниси, истакна кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната средба со Неби Хоџа, претседател и Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Арсовска додаде дека градските служби треба да бидат во функција на бизнисите, исто како што градоначалникот може и треба да се вклучи во поттикнување и обезбедување клима и услови за работа и развој.

„Работењето заедно и меѓусебната помош, неминовно ќе доведе до севкупен економски развој. Општината е должна како на граѓаните така и на бизнисите да им обезбеди брзи и транспарентни служби, некорумпирана администрација, функционална инфраструктура, нешто што во целиот овој период недостасува и е сериозен проблем и пречка за компаниите, а тоа го знам од секојдневното искуство и од реакциите на многу наши членка“, истакна Арсовска на состанокот.

Претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија, посочија дека меѓусебното разбирање и поддршката на бизнис заедницата, ќе доведе до континуиран раст на компаниите, што е заедничка цел.

Пред Арсовска тие ја претставија платформата за локален економски развој, каде се наведени точки на кои е потребно да се работи, со цел да се создадат услови за непречена работа и развој на бизнис заедницата.

Можете да прочитате

МВР не дозволи учество на „Маршот за ангелите“ на луѓе од други градови

На „Табановце“ се чека околу 40 минути за излез од државата

Поради пожар во „Јасен“, затворен регионалниот пат Македонски Брод – Скопје