И денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од Претседателот на Собранието Талат Џафери, да ја стави на дневен ред Одлуката за оставка министерот за здравство, Венко Филипче, изјави Александар Николоски, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Согласно договорот, Собранието работи само до следниот петок, затоа што потоа почнува кампањата за локалните избори и целта е да се превесла целиот овој период од некаде 10-тина дена и оставката на Венко Филипче да не се достави до Собранието, а во исто време да не се стави точка за разрешување на Венко Филипче како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Целта е јасна, а тоа е да се заштити неспособноста и криминалот кој што чини човечки животи“ рече Николоски.
Според него, сосема ирелевантно е чувството на вина и морална одговорност кај Венко Филипче, Зоран Заев, Илир Хасани и било кој друг доколку тоа не се материјализира низ оставките. А уште поголемо понижување на јавноста и на народот, како што вели е кога се обидува јавноста да се излаже.
„ Јавно некој да каже дека поднесува оставка, а потоа да си игра со таа оставка, само покажува за какви морални луѓе се работи. Уставот е многу јасен и вели дека секој министер има право да поднесе оставка и тука завршува затоа што се знае дека кога се поднесува оставка тоа е завршен чин, не може да се поднесе оставка, па истата да ја повлечете или да не ја прифатите, затоа што некој самостојно одлучил дека веќе не сака да ја врши таа работа. Така што овие игри и овој театар за јавноста, само покажува дека нема чесна намера. Го слушнавме Зоран Заев како вели дека Владата не требала да падне заради пожарот кој што се случи во Тетово.
Еве јавно оттука прашувам, колку животи треба да се загубат? Колку нерасветлени случаи и несреќи треба да се случат за да почнат оставките за некој да почувствува одговорност и да падне Владата? Одговорите кои се бараат се разумни дилеми.
Поважна ли е фотелјата на Венко Филипче или вистината за 14 загубени човечки животи? На кој начин и со какви материјали е градена модуларната болница во Тетово, како и останатите болници кои што само заради фактор среќа, не ја доживеаја истата судбина како болницата во Тетово.
Зошто се градат објекти чии што материјали немаат никаков атест или сертификат? И клучното прашање на кое што до денес немаме одговори е, кој ги правел проектите за модуларните болници, дали е тоа согласно Закон лиценцирана компанија со А градежна дозвола или истите биле проектирани незаконски во рамките на министерството за здравство и таканаречената проектна единица во министерството за здравство?
Ова се прашања кои што до денес немаат одговор, како што и нема одговор прашањето кој земал мито за да има подобра односно основна нега за пациенти? Овде се работи за човечки животи и се работи за одговорност и затоа апелирам до Зоран Заев да не си игра и да превземе одговорност“ праша тој.
Одговорноста ќе се случи на локалните избори кои што доаѓаат за еден месец, но доблесно е одговорност да се превземе веднаш затоа што никој не гарантира дека со ваков јавашлук, со ваква комбинација на неспособност и корупција, нема да има уште неколку трагедии во следниот период, порача Николоски.