Утрински Весник
Македонија

Герасимовски: Нема да дозволам злоупотреба и прекумерно градење на штета на граѓаните

Герасимовски: Нема да дозволам злоупотреба и прекумерно градење на штета на граѓаните

Битката за подобри урбанистички планови и обезбедување на похумани услови за живот во централното градско подрачје, беше и останува клучна тема кога станува збор за локалните избори во општина Центар. Во изминатите години, раководстовото на Центар водеше битка за измена на ДУП-овите, намалување на градбите и габаритот на зградите како и зачувување на јавното зеленило. Горан Герасимовски, кандидат на СДСМ за градоначалник вели дека нема да дозволи злоупотреби и прекумерно градење во општината за што има конкретен план. Тој тврди дека ќе ги донесе сите преостанити ДУП-ови кои Богдановиќ не успеа да ги смени.

„ДУП-овите мора да се донесат, затоа што без разлика што сметам дека овој процес мораше да биде побрз, досегашните измени дадоа позитивен резултат. Преку досегашните ревизии се зачуваа над 14.000 метри квадратни зеленило и тоа со носење на само девет ДУП-ови. Така што, она што дава резултати апсолутно ќе продолжиме да го правиме. Ќе направиме ревизија и на останатите ДУП-ови, но и тековно ќе се грижиме за хуманизација на јавниот простор и доследно почитување на законските прописи.“ – вели Герасимовски

Тој ветува ажурна работа на инспекциските служби, запазување на сите стандарди при градењето и минимумот од 20% зеленило на секоја парцела. Герасимовски ќе инсистира на обезбедување соодветни капацитети за паркинг за секој објект од што не смее да има отстапка. Тој вели дека мора постојано да се има предвид обезбедување доволно места пред образовните објекти и објектите за згрижување деца. Вели дека има план како да се обезбеди хуман и планиран развој на општината.

„Она што го ветувам е дека во никој случај нема да дозволам злоупотреба и прекумерно градење. Не смее ништо да се прави на штета на граѓаните, мора да има почитување на сите закони за градба и обезбедување соодветни услуги за квалитетен живот во секоја населба. Мој приоритет како градоначалник е квалитетно секојдневие за жителите, притоа земајќи ги превид нивните потреби за образование, социјални услуги, култура, рекреација. Крајно време е урбанизацијата да престанеме да ја гледаме како работа која единствено припаѓа на стручните технички служби. Токму затоа, урбанистичкото планирање го замислувам како еден инклузивен процес кој ќе се состои од стручната јавност и од граѓаните, повеќе општински сектори и секако нас, градоначалниците, како еден вид поттикнувачи и контролори во овој процес. Имаме и механизам како да се изведе овој процес, а тоа е пред се партиципативното стручно тело за урбанизам, кое ќе има клучна улога во мојот мандат. Се надевам дека овие тела ќе се зајакнат во сите општини и ќе прераснат во коректори на сите идни процеси.“ – вели Герасимовски

Тој се осврнува и на штетите направени од ВМРО-ДПМНЕ со проектот Скопје 2014 за кои вели дека се трајни, но дека во изминатите четири години власта во Центар и Скопје успеала да спаси многу јавен простор бришејќи низа предвидени содржини, споменци и три галии во Вардар. Герасимовски вели дека ќе продолжи да се бори за секоја педа јавен простор а се што може дополнително да се измени во делот на Скопје 2014 ќе му биде приориретет.

„Во ревидираниот ДУП Мал Ринг, кој ние го направивме, каде што се сконцентрирани најголем дел од градбите на Скопје 2014, ги нема сплавовите во Вардар, фонтана со споменик, како и дел од скулптурите. Трите неизградени сплавови нема да се градат.

Отстранети се Шпански скали, за што се преземени соодветни дејства во ОЈО и покренати се обвиненија. Тоа го направи оваа власт. Благодарение на брзата реакција, го спречивме по мене најсмешниот и неполезеен проект од Скопје 2014, Панорамското тркало. Така што сметам дека навистина многу е веќе направено, но ќе продолжам како градоначалник во насока на санирање на штетите од овој проект. Штетата која ја направи ВМРО-ДПМНЕ со забеганиот проект Скопје 2014 никогаш нема да може целосно да се санира и ќе остане како црна дамка во колективната меморија. Но, ова треба да ни е лекција за во иднина. Никогаш да не дозволиме да се вратат на власт“ – завршува Герасимовски.

(ПР текст)

Можете да прочитате

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!

(Видео) Подкаст Зрак со д-р Марина оваа недела посветен на борбата со ракот на дојка