Оливер Спасовски треба да одговори зашто неговите пиони во МВР го криеле предметот на Миле Миленковски од Наќе Чулев, велат во ВМРО-ДПМНЕ во врска со дипломатскиот скандал кој е во фокусот на домашната јавност.
„Спасовски, Димитров и Османи пет години се власт во Македонија. Пет години овој дипломат хара низ светот и засолнува тајкуни како братот на поранешниот ерменски претседател, кој во Ерменија е лик како што е Вице Заев во Македонија, криминалец парекселанс“, нагласуваат од опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски, Димитров и Османи треба да кажат и дали тие учествувале во најмување на приватниот авион со кој што бил извлечен ерменскиот тајкун од Ерменија, и дали дале дополнителна поддршка.
„Видовме во изминатиов период дека власта во Македонија целосно се ставила на располагање на мафијашки структури од регионот и светот и дека системот функционирал како заштита на мафијашки босови и тајкуни. Миленковски само е копија на браќата и братучеди Заеви, чии имиња снемува од кривични пријави, и никој не понесува одговорност“, сметаат од опозициската партија.