Утрински Весник
Македонија

Болниците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга преполни со пациенти со коронавирус

Болниците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга преполни со пациенти со коронавирус

Состојбата во болниците и натаму е иста. Со преполнети капацитети во моментов функционираат болниците во Тетово и Гостивар, нешто слично и во Кичево и Струга, од кадешто преку систем на координација секој пациент на којшто му е потребна хоспитализација се сместува и со транспорт се пренесува во Скопје, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој додаде дека во овој момент има доволен број на болнички места во болницата во Козле кадешто функционира и ротира тим на лекари специјалисти и инфектолози и пулмолози. Филипче рече дека се подготвени и други дополнителни капацитети, но засега нема да има трансформација во други ковид центари, како што беше тоа за време на претходниот бран.

„Новите бројки на новодијагностицирани се охрабрувачки, истите опаѓаат. Но, премногу е рано да се каже дека тоа е некаков тренд. Затоа будно ја следиме ситуацијата и се анализираат сите параметри“, кажа Филипче.

Од денеска дел од тимот, лекари, медицински сестри, волонтери од Црвениот Крст, од повеќе пунктови во Здравствен дом Скопје е префрлен во А1 СЦ Арената Борис Трајковски со цел да се зголеми пристапот до вакцини за граѓаните и сите кои сакаат да се вакцинираат.

„Во последниот период значително расте интересот за вакцинација на помладите групи на граѓани, од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува некаде околу 170.000 граѓани, што е според анализите 26% од вкупното население во тие возрасни групи. Во просек околу 10.000 граѓани се вакцинираат дневно, а близу 700.000 се опфатени со прва доза, од кои 510.000 граѓани се ревакцинирани“, кажа Филипче.

Тој ги повика на масовна вакцинација младите и посебно родителите чии деца ќе почнат да одат во училиште или во градинка.

„Важно е нивните родители да се вакцинираат со цел да се обезбедат семејствата. Ова е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии гледано историски наназад завршиле исклучиво со вакцинација, не со прележување на болеста и сега кога го имаме овој механизам на располагање и веќе кога е докажано ефикасен, односно ефективен, а тоа сега се манифестира со релативно помалиот број на пациенти во градовите кадешто е поголем опфатот со вакцинација, тоа е единствениот механизам целосно да се смени сликата со пандемијата како кај нас, во регионот и во целиот свет“, изјави Филипче.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа