Делегација предводена од градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и советниците Филип Даскаловски и Билјана Костова, оддадоа почит пред спомен – обележјето на Првиот скопски партизански одред.
Денеска беа одбележани 80 години од формирањето на Одредот, а свежо цвеќе положија и претставници на повеќе институции, организации и политички партии. На јавниот простор пред споменикот се одржа и посебна програма, составена од хорски рецитали и проекција на филм, со цел одбележување на јубилејот.
Пред присутните граѓани се обрати и градоначалникот Стефан Богоев, кој истакна дека споменот на НОБ треба да се негува секојдневно:
„На ова место, каде што сме денеска е формиран Првиот скопски партизански одред. На Одредот кој бил формиран од скопски диверзантски групи му се приклучиле и други борци: покрај Македонци се приклучиле и Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. Првата партизанска единица на НОБ во Македонија многу одамна го манифестирала заедништвото и различностите за кои денеска зборуваме.
И тука, сакам да се потсетам на говорот на сега покојниот Трајко Стаматоски, кој во 2019 година, на одбележувањето на овој ден, посочи дека „не ја разбира омразата и нападите кон другите националности, кога и во Одредот имало борци од други националности, кои се бореле за иста кауза“, рече тој.
Денеска почитуваниот Стаматоски не е со нас, но неговите зборови остануваат вмрежани во колективната меморија на нашето Скопје, рече градоначалникот на Карпош.
„Поддршката кон Сојузот за борци и споменот кон НОБ се искрени единствено кога и нашата заложба и работа се континуирани. Затоа, независно на која позиција ќе бидам во јавниот живот, Сојузот во мене секогаш ќе има искрен другар и поддржувач”, посочи градоначалникот.
На настанот се обрати и градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и претставникот од Сојузот на борци, Наум Буревски.
Тие ги истакнаа придобивките од Народнослбодителната борба, периодот кој заслужува пиетет од сите чинители во општеството.