Утрински Весник
Свет

(Видео) Протести против востоличувањето на митрополитот на СПЦ во Цетиње

(Видео) Протести против востоличувањето на митрополитот на СПЦ во Цетиње

Илјадници Црногорци кои носеа национални знамиња, на протестниот собир во Цетиње кажаа дека нема да дозволат поглаварот на Српската православна црква во Црна Гора, Јоаникије, да биде востоличен на 5 септември во манастирот Цетиње.

Одлуката на раководството на Српската православна црква за востоличување на митрополитот Јоаникије во Цетиње, демонстрантите ја гледаат како обид за понижување на националниот, државниот и духовниот центар на Црна Гора. Тие настојуваат тоа да се направи друго место, само не во манастирот во Цетиње.

„Ние не го браниме чинот на востоличување, но не го дозволуваме тој чин на окупација во седиштето на Свети Петар во манастирот Цетиње кој е вековен и стар и е вечен симбол на црногорскиот духовен, државен и национален идентитет и слобода“, се наведува во декларацијата за протести што ја прочита Предраг Вучуровиќ, поранешен претседател на младите на либералната алијанса на Црна Гора.

Во Декларацијата се наведува дека нема да дозволат клерикализација, сквернавење на светилишта, фашизам, асимилација и никаков влез во „српскиот свет“. Тие го гледаат обидот за востоличување на митрополитот на Српската православна црква во Цетиње како симболичен доказ за согласност за окупацијата.

„Окупацијата на оние кои не ги признаваат Црногорците како православни, ниту како муслимани, ниту како католици, кои не не признаваат како нација, кои не го признаваат нашиот јазик, држава, црква или култура“, рече Вучуровиќ, нагласувајќи, во име на собраните граѓани, дека најголемата вредност на модерна Црна Гора е нејзината мултиетничка хармонија.

„Тоа е единствената балканска земја чии малцински народи даваат поддршка на државниот суверенитет и ние нема да дозволиме марионетската влада да го понижи ова цивилизациско наследство. Црна Гора со векови е дел од европската цивилизација и ние ќе се бориме со сите расположливи средства за европските вредности на секуларизмот, граѓанското општество и мултикултурната хармонија, бидејќи тоа е условот за нашиот опстанок “, беше истакнато од протестите во Цетиње.

Црногорските медиуми проценија дека околу 10.000 демонстранти се собраа на Цетиње. Протестите биле обезбедени од голем број полицајци, а заштитна ограда била поставена околу манастирот Цетиње.

Пред денешниот собир, локалните медиуми известија дека Амбасадата на Соединетите Американски Држави им препорачала на своите граѓани да избегнуваат области каде се одржуваат демонстрации или невообичаени гужви, да ги прилагодат личните безбедносни планови и да ги следат локалните медиуми.

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници