Петре Шилегов, со регулацискиот план кој го донел за овој дел од Скопје, сака да уништи имот вреден повеќе милиони евра кој е во сопственост на Република Македонија и е даден на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за спорт и рекреација, соопшти на денешната прес конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите од архитектите улицата која Шилегов планира да ја гради е со енормен профил односно со ширина од 20 м исто како и повеќето булевари во Скопје. Како што призна и Шилегов во своето соопштение, со лага дека сега можеби нема да ја градат, улицата се планира да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10000 метри квадратни корисна површина која се употребува за спорт. Се уништуваат терените, урбаната опрема, картинг-центарот и терасата на базенот.Со планот, Шилегов се обидува да направи и пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот кој сега станува простор за домување, а намената на арената и базенот од „Борис Трајковски“ кои стануваат деловни објекти“, рече Андоновски.
Очигледен е планот со огромните згради и улици, наместо спорт во Скопје да добиеме нова бетонска џунгла, вели тој.
„Заради бизнис интереси, Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев сакаат да го уништат најголемиот спортски храм во Македонија. Заради бизнис партнерите на фамилијата на власт, Шилегов има за цел да изгради огромни згради во непосредна близина на спортскиот центар, а деловите од центарот да му служат само како сервисен пристап. Преку 500 дечиња ќе останат без спорт. Тренерите ќе останат без терени за работа. Автомобилистите без картинг-центар. Сите ние Скопјани ќе останеме без најубавите спомени од базенот и терасата, без тенисот и без картингот во Борис Трајковски нема да има спорт“, додаде Андоновски.
Повика, како што и самиот рече, на будност.
„Општина Карпош во ек на одмори, среде август и пред избори, закажа јавна презентација и јавен увид мислејќи дека ова ќе помине незабележано од скопјани. Дека на мала врата ќе успеат да протнат бетонизација на Борис Трајковски. Затоа, утре во петок во 13 часот, да појдеме во општина Карпош и да го спречиме донесувањето на овој план со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје. Ваков ДУП не смее да се донесе за Карпош! Според информациите, на социјалните мрежи започна петиција од неформалното движење за заштита на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ која ќе биде доставена до сите надлежни. Ве повикувам масовно да ја потпишеме!“, кажа членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.