ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски застанаа зад протестите кои го загрозуваат јавното здравје и на кои се ширеше говор на омраза, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Таа потсети дека СДСМ најостро ги осудува пораките, говорот на омраза и навредите кои јавноста можеше да ги слушне, а беа упатени кон докторите, медицинскиот персонал, но и кон новинарите.
„ВМРО ДПМНЕ застана позади протест на кој новинарите беа нарекувани платеници и нивната работа беше омаловажувана. Во време на пандемија и новинарите се тие кои секојдневно се изложени на ризик по своето здравје, но и по здравјето на нивните најблиски. Новинарите се тие, кои со единствена цел да ја информираат јавноста, секојдневно се во опасност да се заразат од Ковид-19, додека професионално ја вршат својата работа. Токму новинарите се тие кои во скафандер ризикуваа и влегоа во ковид болниците, меѓу пациентите со тешка клиничка слика, се со цел да ја подигнат свеста на граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и да го прифатат процесот на имунизација“, нагласи Кузеска.
Според Кузеска новинарите се тие кои најмалку треба да бидат навредувани и нарекувани платеници.
„И тоа на протест поддржан од ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски – посочен извор на лажни вести, чиј ментор е бегалецот од Будимпешта, место од каде според словенечки новинари истражувачи, се финансираат одредени медиуми во Северна Македонија кои пласираат лажни вести, а денес се гласни против вакцините, против мерките за заштита од Ковид 19 и го поддржуваа протестот на којшто професионалните новинари беа навредувани“, истакна Кузеска.
Мицкоски, вели таа се повеќе се докажува како неодговорен политичар кој очајно гледа шанси во вакви и слични протести и на кого му одговараат лажни вести.
„Ако има и минимум одговорност, Мицкоски треба да излезе и да повика на почитување на мерките и масовна вакцинација, а не да поддржува протести со кои се нанесува штета на здравствениот систем и се напаѓаат новинари и доктори“, додаде портпаролката на СДСМ.