Дали за Мицкоски се убијци докторите и медицинскиот персонал кои го лекуваа додека тој беше заразен од Ковид-19, прашуваат од СДСМ како реакција за неодамнешните протести.
„ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски стои зад организацијата на срамните протести на кои здравствените работници беа наречени „убијци“. Дали за Мицкоски убијци се докторите и медицинскиот персонал кои го лекуваа додека беше заразен со Ковид-19? Дали за него убијци се оние кои повеќе од една година се на првата линија на фронтот давајќи се од себе во борбата против коронавирусот?“, прашуваат од партијата на власт.
Според СДСМ, наместо да повика на масовна вакцинација, Мицкоски како што додаваат од таму, поттикнува протести на кои се напаѓаат здравствените работници и се загрозува јавното здравје.
„Токму поради ваквото нечесно, несериозно делување кое претставува опасност по јавното здравје, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одново ќе бидат казнети од граѓаните на следните избори“, се посочува во соопштението од СДСМ.