Утрински Весник
Свет

(Видео) Талибанците заземале поранешна американска база: „Не брзаме никаде, џихадот нема да престане“

(Видео) Талибанците заземале поранешна американска база: „Не брзаме никаде, џихадот нема да престане“

Поранешна американска воена база во Авганистан сега е во рацете на талибанците, а иднината на земјата останува неизвесна.

Новинарката на Си-ен-ен, Клариса Ворд известуваше од база во провинцијата Андар во Авганистан. Таа наведува дека во неа се гледаат остатоци од воени возила и друга опрема.

Талибанците тврдат дека локалните авганистански сили се предале пред три недели кога останале без храна и зад себе оставиле оружје и муниција.

Талибанците рекле дека постојано се обидувале да нападнат една база додека американската војска била во неа. Додале дека извршиле разни операции, но дека Американците имале хеликоптери и тенкови.

Талибанските борци сега користат средства што меѓународните сили ги оставиле зад себе. Ако има нешто од одредена вредност во базата, тие ќе го земат и ќе го продадат.

„Веруваме дека еден ден ќе победиме. Исламскиот закон нема да дојде само во Авганистан, туку и во целиот свет. Не брзаме никаде. Џихадот нема да престане“, изјавил еден од талибанските команданти за Си-ен-ен.

Талибанскиот гувернер, Мавлевеј Камил, рекол дека денешните талибанци се разликуваат од претходните.

„Разликата помеѓу тие и овие талибанци е дека талибанците од 2001 година беа нови во сето ова. Денешните талибанци се искусни и дисциплинирани. Ги слушаме лидерите, работите се одвиваат според планот“, објаснил Камил.

Кога новинарката на Си-ен-ен го прашала гувернерот за стравот дека правата на жените сега ќе бидат деградирани, тој одговорил дека исламот им дава еднакви права на сите.

„Сакаме да ги убедиме сите луѓе во светот, особено граѓаните на Авганистан, дека исламот им дава еднакви права на сите. Жените ги имаат своите права. Колку што им дава исламот права, толку и ние ќе им дадеме“, рекол Камил.

Инаку, талибанците сега контролираат повеќе од две третини од земјата, само неколку недели пред Соединетите Американски Држави да ги повлечат своите последни војници од Авганистан.

Иако главниот град Кабул уште не е директно загрозен, напредокот на талибанците на другите места дополнително го зголемува притисокот врз властите во Кабул, а најновата американска воена разузнавачка процена сугерира дека авганистанската престолнина би можела да биде нападната во рок од 30 дена и ако продолжат сегашните трендови, талибанците би можеле да добијат целосна контрола врз земјата за неколку месеци.

Можете да прочитате

Профитот на Тојота намален за 37 проценти

Полицијата во Британија со невидлив спреј ќе ги обележува хулиганите на стадионите

Холандската полиција заплени над 90 килограми наркотици испратени по пошта