Европската комисија денеска го критикуваше полскиот закон со кој се ограничува странската сопственост во домашните медиумски компании, што го усвои долниот дом на парламентот, наведувајќи дека таквата одлука испраќа негативен сигнал.
„Плурализмот во медиумите и разновидноста на мислењата се она што силните демократии го поздравуваат, а не борбата против нив“, напиша на Твитер потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, одговорна за слободата на медиумите.
Според неа, нацртот на полскиот закон за емитување испраќа негативен сигнал.
Полските пратеници вчера усвоија закон со кој ќе се заостри забраната за компании надвор од Европската економска област што ги контролираат полските телевизиски компании.
Полскиот премиер Матеуш Моравиецки денеска ги отфрли критиките за законот, откако САД, како еден од најважните сојузници на Варшава, го осудија законот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Вашингтон е „длабоко загрижен“ за донесувањето на законот, додека опозицијата тврди дека на удар е медиумскиот канал ТВН24, кој е во сопственост на американската медиумска група „Дисвакери“ и кој е критички настроен кон десничарската националистичка влада.