Утрински Весник
Економија

Државата ќе им даде 111 милиони денари помош на туристички агенции, ресторани за свадби и ноќни клубови

Државата ќе им даде 111 милиони денари помош на туристички агенции, ресторани за свадби и ноќни клубови

Владата ќе додели еднократна финансиска помош во висина од 111 милиони денари за 382 лиценцирани туристички агенции, категоризирани ресторани за свадби и ноќни клубови.

На владина седница донесени се одлуки за трите јавни повици, дел од мерките од шестиот економски пакет, а со кои се одобрува исплата на еднократна финансиска помош за лиценцирани туристички агенции, категоризирани ресторани за свадби и за ноќни клубови, кои поднесоа барања за финансиска поддршка и притоа бележеа загуби како последица на пандемијата.

Вкупно ќе бидат помогнати 382 правни субјекти, а висината на поддршката изнесува речиси 111 милиони денари или 1,8 милиони евра кои во наредните денови ќе им бидат исплатени на компаниите.

Поединечно, најголем број на апликации имаше на јавниот повик за лиценцирани туристички агенции, вкупно 261, од кои 258 барања се прифатени.

За јавниот повик за финансиска поддршка на категоризирани ресторани за свадби аплицираа вкупно 120 правни субјекти, а утврдено е дека комплетна документација имаат доставено 107 ресторани.

На јавниот повик за лиценцирани кабареа, ноќни барови, диско клубови и диско клубови на отворен простор барања за финансиска поддршка поднесоа 17 правни лица и утврдено е дека сите имаат комплетна документација.

Како основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30% од просечниот месечен приход.

Овие средства кои се исплаќаат како поддршка за излегување од корона кризата ќе бидат третирани како грант кај сите правни лица кои на крајот на 2021 ќе имаат еден вработен повеќе споредено со крајот на 2020 година. Оние корисници на финансиска поддршка кои ќе го задржат истиот број вработени на крајот на 2021 како што им бил на крајот на 2020 ќе имаат обврска да вратат 20% од добиената финансиска поддршка, додека оние кои ќе го намалат бројот на вработени лица ќе имаат обврска да вратат 50% од добиената финансиска поддршка.

Можете да прочитате

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија