Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска на граничниот премин „Табановце“ ја прими делегацијата од Република Србија, предводена од министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај, Томислав Момировиќ.
Двајцата министри симболично поделија М-картички за наплата на патарини на српски државјани кои транзитираат низ државата. Оваа заедничка активност покажува чин на благодарност кон Република Србија и граѓаните на Република Србија за хуманиот однос кој во време на најголемата здравствена криза, несебично доделија бесплатни вакцини за нашата држава и граѓаните, истакна министерот Бочварски.
„Оваа мерка со одлука на Владата се реализира за период од 15 јуни до 15 август. До сега Министерството за внатрешни работи има поделено преку 41 илјада картички. Овој процес продолжува и понатаму и уверен сум дека овој чин на благодарност е прифатен и веруваме дека праксата на добрососедство и во најтешките моменти ќе продолжи обострано да се реализира“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министерот Бочварски потенцираше за подигнување на соработката меѓу двете земји во делот на транспоротот и инфраструктурата, заради забрзување на регионалните проекти и економско зајакнување на целиот регион.
„Развојот на регионот е условен од поденаков развој на сите земји од Западен Балкан. Потребна ни е заедничка соработка, регионални проекти во рамки на разните регионални иницијативи за да овозможиме просперитет за нашите земји и на нашите граѓани. Во таа насока Република Северна Македонија останува партнер со соседите во креирање на заеднички политики и мерки за зголемување на регионалната соработка, за олеснување на трговијата и транспортот. Така создаваме нова слика за разиен Балкан“, изјави Бочварски.
Тој нагласи дека имаме добри билатерални односи со Република Србија и заеднички работиме на проекти за регионално поврзување во делот на железничкиот транспорт.
Министерот за градежништво, инфраструктура и сообраќај Томислав Момировиќ, истакна дека двата народи ги поврзува историјата и тоа е особено видливо во пандемијата кога Србија покажа солидарност и храброст кон своите соседи.
„Во знак на благодарност Владата на Република Северна Македонија одлучи на граѓаните на Република Србија да им овозможи бесплатно користење на патиштата во тековната сезона. Во името на сите граѓани на Република Србија сакам да се заблагодарам на Владата на Северна Македонија за бесплатните смарт картички за нашите граѓани. Исто така овој гест ќе даде дополнително значење на иницијативата за „мини Шенген”, поттикната од претседателот Вучиќ и премиерот Заев, заради зголемување на нашиот економски простор, овозможување на транспорт на стока и луѓе и јакнење на конкурентноста на целиот регион“, изјави Момировиќ.
На средбата, двајцата министри разговараа и за инвестициите во железницата, за изградба на заедничката железничка станица во Табановце, за гасификацијата како и регионалното поврзување во делот на патната инфраструктура.