Утрински Весник
Економија

Народната банка и Банкарската Асоцијација со насоки за банките и штедилниците, за поголема транспарентност

Народната банка и Банкарската Асоцијација со насоки за банките и штедилниците, за поголема транспарентност

Поголема транспарентност и достапност на податоците за банкарските производи за граѓаните, а со тоа и поголема заштита на потрошувачите, се предвидува со насоките коишто беа донесени вчера, за содржината, обликот и начинот на објавување на податоците за најрепрезентативните кредитни и депозитни производи на банките и штедилниците за физички лица. Насоките беа потпишани од страна на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Македонска банкарска асоцијација (МБА), Маја Стевкова-Штериева.

Потпишувањето на овој документ во доменот на банкарскиот сектор е прв и значаен чекор од спроведувањето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто неодамна беше усвоена од страна на финансиските регулатори. Имено, во Стратегијата, во рамките на делот за финансиска инклузија е предвидено зголемување на транспарентноста во работењето и објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на приватниот финансиски сектор, вклучително и стандардизација на објавените податоци за ист вид услуга.

„Преку спроведувањето на Насоките, коишто ги потпишавме со МБА, банките и штедилниците ќе почнат да ги објавуваат податоците за одделните банкарски производи во една стандардизирана форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, споредливост на производите и воедно, поголема информираност на граѓаните. На овој начин, дејствуваме кон поголема заштита на потрошувачите, како и нивна едукација за одделни видови кредитни и депозитни производи, што ќе придонесе кон издржани одлуки за избор на производи коишто најдобро им одговараат на потребите на физичките лица“, посочи Ангеловска-Бежоска.

„Банките и штедилниците коишто се членки на Македонската банкарска асоцијација се транспарентни економски субјекти коишто редовно објавуваат податоци за своето работење. Со воспоставувањето стандардизиран пристап при објавувањето информации за депозитните и кредитните производи за населението, во согласност со Насоките коишто ги потпишавме, ќе се придонесе за уште поголема транспарентност и најважно, полесна споредливост на банкарските производи.“, истакна претседателката на МБА, Стевкова-Штериева.

Со Насоките се пропишуваат формата, начинот и податоците коишто се објавуваат за банкарските производи за населението, одделно, од страна на секоја банка и штедилница за нивните производи. Предвидено е условите да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш во тримесечјето. Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации (како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други). Следствено, објавените податоци треба да овозможат подобар увид во понудените услови од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветен производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите.

Насоките коишто ги донесоа Народната банка и МБА ќе почнат да се применуваат од банките и штедилниците од почетокот на август.

Можете да прочитате

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата