Венко Филипче и Комисијата за заразни болести веднаш да донесат мерки за спречување на ширење на новиот Делта-сој на Ковид вирусот, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Не смееме да дозволиме повторување на ситуацијата со вториот и третиот бран, каде што имавме по илјадници заразени граѓани на ден и по десетици починати заради неспособноста на Венко Филипче. За да се спречи повторен голем бран на Ковид-19 потребно е превземање на итни мерки, а не секојдневни празни флоскули од најнеспособниот министер Филипче. Што поскоро властите треба да спроведат мерки за да може уште на почеток да се изолира и блокира вирусот се со цел да не дојде повторно до нов голем бран и голем број на новозаразени, а со тоа и до повторно оптеретување на здравствениот систем“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа партија бараат, Комисијата за заразни болести веднаш да донесе мерка за тестирање со брзи тестови на границите за влез во Македонија, на сите луѓе кои доаѓаат од ризичните подрачја и да се донесе мерка за задолжителна домашна изолација на овие луѓе.
„Ништо од долгонајавуваната масовна вакцинација. Со месеци неспособниот Филипче се фали со купување на вакцини, но се што видовме од ветената масовна имунизација е само вакцини од донации, едно неделна прекината вакцинација и колони на наши сограѓани како се вакцинираат во соседството. Потребно е забрзување со вакцинацијата во Македонија и системски план за потикнување за вакцинирање на граѓаните“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.