Утрински Весник
Економија

Промовиран дигиталниот Систем за рамномерен регионален развој

Промовиран дигиталниот Систем за рамномерен регионален развој

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија, Сибил Зутер Техада, градоначалници и претставници на државните и локалните власти, денес во Клубот на органите на државната управа присуствуваа на настан на кој беше промовиран дигиталниот „Систем за рамномерен регионален развој“ (sirеra.mk), којшто е развиен во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Вицепремиерот Битиќи, во рамките на чиј Кабинет беше спроведена првата компонента на „Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, посочи дека преку овој проект е креиран електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, со кој се овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет.

Тој додаде дека функцијата на оваа современа алатка е да ѝ помогне на Владата, но и на другите вклучени страни, пред сè министерствата, агенциите, дирекциите и останатите државни институции, во процесот на успешна имплеменатција на новиот Закон за рамномерен регионален развој и достигнувањето на предвидените 1% од БДП, како инпут во развојот на општините и регионите.

„Системот sirera.mk., дава точен преглед на сите инвестиции кои произлегуваат од националниот буџет и се инвестираат на регионално ниво. Електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет. Истовремено, овој систем ја зголемува транспарентноста и отчетноста на институциите, ја подобрува комуникација помеѓу институциите и ја зголемува ефикасноста и капацитетот на програмите“, посочи вицепремиерот Битиќи и додаде дека алатката дигиталниот систем во овој момент е надополнет со 10 годишни историски податоци преку чија анализа лесно може да се утврди трендот на раст на инвестициите кои се поврзани со една важна тема како што е рамномерниот регионален развој, објаснуваат надлежните.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски информираше дека Системот sierra.mk многу важен затоа што тоа е дел од севкупните реформи коишто се направени во изминатите 2 години со голема поддршка на амбасадата на Швајцарската Амбасада.

„Прва компонента која треба да се имплементира тоа е вклучувањето во системот на овој систем, кој ќе биде јавно достапен и до медиумите и до граѓаните, до новинарите кои се занимаваат со анализи, да можат во секој момент да ги видат податоците, каква е тенденцијата за регионален развој односно дали се почитуваат критериумите и поделбата на парите според степенот на развиенот на планските региони“, нагласи Милевски.

Министерот посочи дека вкупната вредност на проектот изнесува 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони швајцарски франци се од Владата на Швајцарија и швајцарската Амбасада, а остатокот од буџетот на државата.

Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. Сибил Зутер Техада изрази задоволство што е извршена промоција на новиот дигитален систем sierra.mk и посочи дека очекува со системот да се подобри институционалната комуникација и координација и процесот на планирање, имплементирање и мониторинг на политиките за рамномерен регионален развој, кои беа развивани со поддршка од Швајцарија. Според неа, рамномерниот регионален развој е витален за доброто на сите граѓани, особено ранливите категории кои живеат во рурални и неразвиени региони во земјата.

Можете да прочитате

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Министерката Димитриеска-Кочоска учествува на Економскиот и финансиски дијалог на ЕУ и партнерите во Брисел 

Македонија2025 со најголем Самит досега: Фокус на реформи, иновации и економски раст